Sunday, July 22, 2012

ЖИВОТОТ МЕЃУ КРИМИНАЛНИОТ УМ И КРИМИНАЛОТ


Џабир Дерала 
Урбаната мафија населува кич и насилно општество, пребиено општество во вечна транзиција. Центарот на Скопје повеќе наликува на периферија, бизарна архитектурна збрка. Повеќе од тоа, од ден на ден е сѐполошо. Умоболните политичари во топла прегратка на инвеститорите во сенка и на новодојденците, ги максимализираат своите профити во бесконечната низа на грешки. Сами по себе, некои од тие проекти можеби делуваат во ред, но сите заедно претставуваат голем неуспех.

Моето еспресо stretto го пијам во клубот Кибо[1], со поглед на најпрометната крстосница во градот. Случајно, градот е престолнина и дом на речиси 800.000 жители, што е повеќе од една третина од целокупното население на државата. Тоа го правам секојдневно веќе четиринаесет години, релаксирано слушајќи ја бучавата на сообраќајот долу. Честопати сум шокиран од лошото регулирање на сообраќајот. Повремено, мислам дека глетката е интересна. Јас ја нарекувам „плажа“. Наесен, дождот го потцртува сивилото на глетката; лете, правливо е и испотено. Кал и снег зиме... Во последните неколку децении пролетта речиси ја нема, благодарение на глобалните климатски промени и на влошената микроклима на градот.
Во 1963, во текот на повторната изградба на градот по катастрофалниот земјотрес, архитектите го разурнале она, што земјотресот не успеал да го разурне. Меѓу другите нешта, тие ја уништиле розата на ветровите со изградба на долги бетонски ремени од грди згради, затворајќи ги ветровите и создавајќи атмосферски балон во градскиот центар, што може да биде гадно, особено лете.
Хаотичната конструкција од згради се забрза во изминатите неколку години, кога дојденците испраа многу пари низ градежништвото. Слично со другите земји во транзиција (и не единствено), градежништвото се покажа како извонредна можност за легализација на неверојатно количество на црни пари.
Одовде, ако планираш да се кандидираш за градоначалник, погрижи се една градежна фирма секогаш да ти биде при рака. Инаку, мало-големите играчи нема да те сфатат сериозно и ќе ја загубиш нивната поддршка. Гласачите се небитни, тие ионака се лесни за манипулација. И, vice versa, ако планираш да влезеш во градежништвото како бизнис, мораш да се стекнеш со пријателството на политичките партии. Катастарот, исто така, е битен.

УРБАНА/ПОЛИТИЧКА МАФИЈА
Стандари? Естетика? Хуман урбанизам? Владеење на законот и правото? Креативни и способни архитекти и визионери? Што е сето тоа? Некое интелектуално срање, добро за маргинални публикации и арт кафеа. Битни се само парите и власта, ништо друго – тоа е интелигентниот одговор на урбаната мафија.
Урбаната мафија населува општество коешто е кич и е насилно, пребиено општество во вечна транзиција. Инвеститорот во градежништвото вози големо и скапо возило и околу себе држи пар сељаци како телохранители. Архитектите се последното нешто што му паѓа напамет при планирањето на инвестицијата. Подмитувањето и одбегнувањето на законот се основните цели. Да се добие дозвола за градење на гаража, на пример, и таа да се претвори во трговски центар. Бесрамното искористување на секоја можност на неговата/нејзината позиција е една од дефинициите на funcionario el partido en el poder[2].
Во новите „демократски“ времиња луѓето, коишто го раководеа градот и државата ја направија секоја можна трансгресија во историјата на владеењето. Изобличувањето на градот во поново време станува јасно видливо по кусото возење низ градот. Нови деловни и трговски инвестиции никнуваат веднаш до шутот од минатото. Гледаме гротескни, иако мошне скапи, проекти на тековната влада.
Јавното земјиште им е дадено на располагање на криминалните умови на моќниците, коишто ја загадуваат општествената сопственост со својата суета, градејќи кич згради и споменици, за да ја прошират нивната политичка импотенција врз животите на луѓето. Но, приказната за културна и урбана деконтаминација не завршува со тоа. Тие моќници градат различни згради, деловни и трговски центри, згради за домување за сопствена добивка, со инвестиции што се родени и што постојат врз база на криминал.
Во текот на една година, нема да постои место каде што урбаната мафија нема да го остави својот валкан печат за идните времиња. Или барем, до наредниот катастрофален земјотрес... Неколкуте слаби обиди на изразување на незадоволство од робусната сељачка администрација на градот (и на државата), завршија со насилни контра-протести на стадото, послушно на власта, коешто носеше знамиња и крстови.
Некои велат дека не правењето ништо и молчењето - го прават човекот соучесник во злосторот. Токму тоа премногу долго време се случува во градот Скопје, сѐ од неговата реконструкција во 1963 година. Сепак, овде не постои никаква сериозна гласност.
Криминалците од системот поминуваат премногу лесно. Речиси не постои опозиција, ниту граѓанска, ниту политичка.  Организациите за граѓанско општество се преслаби или се под притисок од политичките партии. Политичката опозиција е стишана, затоа што таа беше на власт и изврши бројни криминални престапи во процесот на давањето повторен облик на градот. Малубројните активности на граѓанското општество се недоволни за оние, кои ги носат одлуките, да запрат со нивната налудничава политика.

ПОДЕЛБА
Камениот мост, симболот на градот, кој што сѐ уште постои на неговиот грб, е основната врска меѓу пост-земјотресниот јужен дел и Старата чаршија во северниот дел на градот. Северот е етнички мешан, со голем процент на албанско население – информација, значајна битна за многуте гледишта на приказната. Мостот беше затворен осум години заради „реконструкција“. Повеќе би го нарекол тоа - деструкција. Градските и државни власти комплетно го сменија изгледот на мостот, го урнаа михработ[3] и го заменија најголемиот дел од оригиналните камења. Како печурки по дожд, почнаа да никнуваат деловни и трговски центри, носејќи им брза пара на инвеститорите и на корумпираните политичари – во приказнава, корумпиран политичар е своевиден плеоназам.
Старата чаршија беше целосно опустошена економски. Етничката омраза, проследена со предрасуди – поистоветувањето на Старата чаршија со Албанците – го претвори најатрактивниот дел од градот во град-сениште. На власта и беа потребни осум години за реконструкција на Камениот мост, во процес проследен со бројни дејанија во сенка. На Турците им биле потребни седум години за да го изградат. Во Средниот век...
Старата чаршија беше центар на трговијата и забавата, одразувајќи го мултикултурниот диверзитет на градот и богатството на историското и културно наследство. Во споредба со сараевската Баш чаршија, скопската Стара чаршија е петпати поголема и далеку побогата во прекрасните историски и архитектурни локации. Баш чаршија е битен извор на приходи за граѓаните и за администрацијата на Сараево, благодарение на негуваниот и развиен туризам. Во случајот на Стара чаршија, културата, традицијата и забавата - гнијат. Од симбол на различност и единство, скопската Стара чаршија стана симбол на град, поделен по етнички и религиозни линии.

ГЕТОИЗИРАНИ УМОВИ
Гетоизираните умови создаваат градови од гетоизирани луѓе. Тесногради и себични, или едноставно идиотски глупави, примитивни и фрустрирани селани од обата политички блока се менуваат на власт по секој изборен циклус, не донесувајќи никакви промени. Чекај го пленот денес и отфрли ги последиците на утрешниот ден. Од друга страна, овде е толпата, луѓето што ги снесуваат тие последици. Криминалните умови на луѓе со политичка или финансиска моќ, создаваат решенија и услови за домување што ги унесреќуваат луѓето. Или, да го кажеме тоа помеко, никогаш не ги прават среќни.
На крајот на денот побегнувам од расфрланите слики на градот во сопствениот дом, место каде што, повеќе или помалку успешно, создадов лично засолниште. Ги имам моите книги, моите постери и слики по ѕидовите, наместениот на мој начин мебел, чијшто најголем дел повторно е дизајниран од мене, мој избор на музика, ДВД или ТВ канали. Но, светот надвор од моите ѕидови, гнилиот град што е мојот поширок дом, мојата голема дневна соба, мошне бргу допира до моето сигурно засолниште. Водоснабдувањето и електричната енергија се нестабилни и честопати ми задаваат главоболка кога треба да ги задоволам моите основни потреби. Притоа, живеам во високо урбанизиран дел од градот, не во некое планинско село, каде што ваквите услови би биле разбирливи.
Мојот дом, мојата голема дневна соба од градот е создадена од слоеви криминал. Кога ја гледаш инфраструктурата, тротоарите и улиците, снабдувањето со вода/електрична енергија, сообраќајот, сигнализацијата, и конечно, зградите, вклучувајќи ги и нивните фасади, веројатно во сето тоа има повеќе криминал отколку што може да се замисли при создавањето на правен систем. Или пак, криминалот ги искористува сите можности. И, погодете што? Тоа се толерира, или подобро речено, се прифаќа од сите. Не велам дека се одобрува, само се прифаќа. Со тоа, криминалните умови се сигурни во нивната работа.
Центарот на Скопје повеќе наликува на периферија, бизарна архитектурна збрка. Повеќе од тоа, од ден на ден е сѐ полошо. Умоболните политичари во топла прегратка на инвеститорите од сенка и на новодојденците, ги максимизираат своите профити во бесконечната низа на грешки. Сами по себе, некои од тие проекти можеби делуваат во ред, но сите заедно претставуваат голем неуспех.
Јавното земјиште треба да е во општествена сопственост, или барем така го разбирам тој поим. Но, што значи дефиницијата на јавно земјиште или на јавен простор, во рамките на законот или поинаку? Јавното земјиште е во рацете на инвеститорите и на моќниците[4] во централното, градското и општинското ниво на власта.

ОТПОР
Честопати деловниот криминал и инвестициите во градежништвото експлодираат во скандали и во кривично гонење на фирми и бизнисмени, коишто имаат извршено сериозни престапи без притоа да имаат покритие од големците. Некои од нив завршуваат во затвор. Па што? Дали има некој, што ќе ја поправи штетата, што тие ја имаат нанесено на урбаното ткиво? Повеќе од тоа, се затвораат само оние што се на страната на губитникот на политичкото бојно поле. Остатокот на криминалците е слободен да ја плете својата одбивна мрежа во нашата голема дневна соба.
Што е заедничко за криминалните умови и за самиот криминал со мојата голема дневна соба – градот во којшто пораснав и се приближив до моите зрели години? Што се случува со урбаната култура, со здивот на цивилизацијата што испарува од сите пори на асфалтот? Што ќе речат генерациите коишто доаѓаат на сето тоа?
Град без ориентација – што и да значи овој поим. Град со големо количество на грешки, натрупани на грешки, натрупани на грешки. Повеќе од тоа, на повидок нема никој што е волен или способен да ги исправи. Сѐ уште не можам да се определам што е полошо, но тоа го измачува општеството од ден на ден.
Се плашам дека решенијата што се при рака воопшто не ветуваат. Што да се прави? Се собираме во малите џебови на духовен и интелектуален отпор. Гледам како луѓето постепено растат во мрачната свест на општеството. Уживам да ја изнаоѓам убавината во луѓето, во нивните мисли и дела. Случајно познавам голем број на убави особи, коишто се способни да конструираат убавина низ критика на грдото. Посетувам места со убав ентериер, создаден од бистри и вредни уметници. Луѓе со умови, остри како брич, седат на масите, пијат, ПУШАТ, разговараат и слушаат трајна музика.
Постои многу разочарување и огорченост на оние малубројни прекрасни места, со неколкумината прекрасни луѓе. Но, можеби тие места се новите рози, и еден ден ќе започнат да дуваат некои нови ветришта. И, ќе ја оддуваат грдотијата.


[1] Клубот Кибо е ресторан на првиот кат од Палома Бјанка, официјално име за деловна зграда во срцето на Скопје. Исто така, ние имаме трговски центар што официјално се нарекува Беверли Хилс!
[2] Функционер на партијата на власт (шпански)
[3] Михработ (. Арапски: محراب михработ, PL محاريب mahārīb) е полукружна ниша (може да се наоѓа и во ѕидот на џамијата) која покажува кон Qibla; тоа е насоката кон Каба во Мека, а оттука и насока во која муслиманите треба гледаат кога се молат.
[4] Употребувам политички некоректна терминологија како што се моќници и бизнисмени, за да ја доловам сликата на реалноста во ова мачо општество и систем

Овој текст е за првпат објавен во book-zine izdanieto DOMA (ДОМА), ed. by Antonio Petrov & Sofija Grandakovska, vol.0, no. 1 (Skopje: Kino oko), 2010.

No comments:

Post a Comment