Saturday, November 12, 2011

КОНФОРМИЗАМ, ЛИЦЕМЕРИЕ И ОПОРТУНИЗАМ

Што се случува со Македонија додека функционерите на граѓанскиот сектор уредно ги штелуваат своите табели со индикатори за постигнувањата, ризиците и предизвиците?

Кога се зборува за транзицијата, демократизацијата и други важни процеси, секој на свој начин, па и организациите на граѓанското општество (невладините организации) раскажуваaт за својата ролја во тие процеси. Често се споменуваат имиџот на невладините и довербата која ја уживаат кај граѓаните. Невладините по дифолт известуваат за влијанието и промените кои тие самите ги предизвикуваат во општеството и државата. Тоа се, претпоставувате, розови извештаи. 
Во принцип, тоа е здраво, секторот да се занимава самиот со себе, да се преиспитува и вреднува својата сопствена работа и позиција. Тоа го прави секој. Но, што се случува со Македонија додека функционерите на граѓанскиот сектор уредно ги штелуваат своите табели со индикатори за ризиците, предизвиците и постигнувањата?
За тоа време, олигарсите, организираниот криминал и политичките елити – структури кои изгледаат како да се една иста – ги експлоатираат и понижуваат граѓаните. Тие, пак, граѓаните, до ден денешен не успеаја да се стекнат со политичка и граѓанска култура барем налик на онаа во развиените демократии.
Како да се чувствува просечниот граѓанин на оваа земја кога некој до бескрај меле за демократија, владеење на законот, помирување на заедниците и интеграција на општеството? А ништо од тоа не ужива. И никој не се обидува да посочи јасно и недвосмислено кон изворот на неволјите. Да поттикне на акција и одговорност.
Една од честите теми која со различен вокабулар се обработува е интеграцијата на општеството. Интеграција на што? Општество не успеавме да изградиме. Како да го интегрираме?
Македонија, 21 век... Смрдлива кошница во која луѓето и процесите се движат без ред и смисла. Групирањето во помали или поголеми орди најчесто е врз основа на заостанати, бесмислени и нечовечни идеи. Македонија, 21 век... Се гради грозоморен кич и серковци пеат за Гоцевата раса на едната, а други се клањаат на своите пешкирчиња на сред сокак на другата страна.
Човековите права и слободи практично се непознаница. Во разговори со студенти, димпломирани правници, наставен кадар, па и невладини функционери сфаќам дека немаат поим за тоа што се човекови права. Не ја прочитале, на пример, Универзална декларација за човековите права, не ги знаат ни основите на Европската конвенција за човековите права или онаа за националните малцинства. Тие што ги прочитале овие четива, ги истретирале како занимливост од забавните рубрики. Или стапиле во служба на нивно касапење и манипулација заедно со тие што тоа го прават од името на институциите. 
Дискриминацијата по сите основи е вткаена во секојдневието, политичарите и институциите ја користат како секојдневна алатка, а за тоа нема многу бранувања од ниедна страна. Ништо од тоа како да не постои, „се додека не ми се случи мене или на некој мој“. Солидарноста е нешто далечно, предмет на сеир и маалски подбив. Ако не го кренеме гласот во одбрана на непознатиот сограѓанин од другиот крај на градот или државата, неправдата со молскавична брзина ќе дојде на нашиот куќен праг. Но, тогаш е доцна. Другите се веќе изманипулирани, исплашени или корумпирани.
Предрасудите се плодна почва за омразата, а таа води кон страв и насилство. Дилерите на тие дроги се во структурите на моќта. Тоа е ефтина дрога, а профитот е огромен.
Додека опозицијата се гледа во магичното огледало, тимот „24/7“ работи со полна пареа. Медиумите тонат во мрак. „Медиумите и така си лажат, а јас и така ја знам вистината“ – потпевнува хорот индолентни поданици. Дали е така? Ако медиумите молкнат, а новинарите станат офицерчиња на власта, трулежот ќе завладее насекаде. Имајте предвид дека, по дефиниција, медиумите се дел од граѓанското општество.
Ги гледам ѕидовите високо дигнати меѓу луѓето и не можам да разберам како стана толку тешко да се види очигледното и како способноста за говор стана хендикеп... 
Ја гледам летаргијата и мрзата на невладините, тие што ги имаат алатките да им помогнат на луѓето. Владее тишина и кукавичлук таму каде што гласноста и одважноста се подразбираат. Гледам конформизам, лицемерие и опортунизам каде што тоа треба да биде незамисливо.

Џабир М. Дерала

1 comment: