Tuesday, November 15, 2011

Ментален смрдеж


Толеранција е мирољубива коегзистенција на различностите, хармонија и почит меѓу нив. Во денешниот, постмодерен свет, толеранцијата не е само морална одредница, туку политички и законски услов. Убавината и супериорноста на индивидуалниот израз за нетолерантниот е страшна, погубна за неговата ментална одаја смлачена од прдежите на медиокритетството

Џабир М. Дерала
Толеранцијата подразбира знаење и отвореност, комуникација, слобода на мислата и говорот, свест и совест, верба во цивилизациските вредности на овој и ваквиот свет. Тоа е мирољубива коегзистенција на различностите, хармонија и почит меѓу нив. Во денешниот, постмодерен свет, толеранцијата не е само морална одредница, туку политички и законски услов. Толерантно општество значи општество во кое се негува и овозможува мирот. Тоа е мирно, безбедно и просперитетно општество, но далеку од пасивно. Хераклит кажа уште пред две и пол илјади години: „Тоа што го разликува едното од другото е во согласност. Хармонијата е судир на спротивности, како лирата и гудалото“.
Што е обратно на тоа? Нетолерантен човек значи незнајко, затвореник на сопственото незнаење и предрасуди. Тој е надарен со вештината на зборување, но не комуницира. Тој не го разбира другиот и ја оспорува потребата на другите да мислат и да се изразат слободно. Онаа малку интелигенција што ја поседува ја употребува само колку да смисли начини да ја одржи својата исклучивост и омраза. Слеп за фактот дека тоа што тој го оспорува, го ограничува и него, нетолерантниот. 
Нетолерантниот не може да живее во мир и хармонија со оние што се различни од него, бидејќи во него нема ни свест ни почит за различното. Во суштина, со тоа тој најмногу го затскрива својот страв и комплекс на инфериорност. Да, тој го смета различното за аномалија и болест, но уште повеќе, се плаши од различното, бидејќи го доживува како закана - го потценува, но потсвесно се плаши дека тој самиот е помалку вреден. 
Нетолерантниот за различностите има само негирање, сонува за борба до нивно истребување. Не разбира дека живее во свет кога различностите се различни манифестации на една заедничка човечка цивилизација, која се менува секој ден, секоја минута. 
Светската цивилизација по Втората светска војна доживеа силна трансформација. Една од најважните категории промовирани во последните 60-ина години е толеранцијата, изразена и регулирана преку спогодбите и легислативата кои почиваат врз широките толкувања и прифаќање на човековите права. Оттаму, нетолерантниот не само што е неморален, туку неговата политичка тежина е релативизирана, а во однос на правото тој е криминалец. Тоа е човек кому војната, уништувањето и убивањето не му се туѓи. Неговите размислувања и постапки се еднакви на нацистот и, едноставно, му припаѓа на најмрачната доба на човештвото. Не е ни многу различен од средновековната толпа која се собирала на плоштадите каде што се беселе, гореле или черечеле обвинетите за престапи против црквата, а всушност биле различни или само размислувале со своја глава. 
Нетолеранцијата најчесто е насочена кон лице или група која отстапува од доминантната култура. Најчесто се манифестира со сведување на личноста на функција, однос кон лицето или групата која човечкото битие го дефинира според етничката, лингвалната, верската, расната припадност или сексуална ориентација. Но, тоа не застанува таму, туку оди и кон инвенција на погрдни и понижувачки изрази и епитети. Со време, самите називи на тие функции стануваат пејоративни, а нивна единствена намена е да навредат, потценат, понижат некој што е различен.
Нетолерантниот, покрај тоа што е дегенерик и отпадник од современата цивилизација, а единствената заштита му е толпата истомисленици, тој е истовремено прилично глупав и мрзелив. Тој не сака промени, макар да се во позитивна насока. Единствена утеха му е владеењето на неговата клика, на важни места да се поставени исти такви како него, да не им се даде на различните да здивнат, а секоја можност да се искористи тие да се исклучат, исплукаат, изолираат, истребат. Убавината и супериорноста на индивидуалниот израз за нетолерантниот е страшна, погубна за неговата ментална одаја смлачена од прдежите на медиокритетството. 
Маалските силеџии и политичарите имаат многу заеднички особини. Неспособни да ги решат проблемите на заедницата во која претендираат да бидат главни, да владеат, својата импотентност и инфериорност ја кријат зад омразата кон различното, кон оние што не доминираат со бројка. Својата мизерија ја лечат со тоа што им го прават мизерен животот на другите. Го организираат стадото и го држат заедно, а немајќи ништо вредно да понудат, не знаејќи како се постигнува нешто добро за заедницата, тие за се' ги обвинуваат тие што се помалку на број. 
За да го одржат стадото на купче, а со тоа и својата позиција, тие се користат со примитивни начини (подобро не можат), за да ги одушеват сите околу себе. Тие што не се одушевени, молчат и се преправаат, бидејќи се кукавици и колаборационисти. Можеби би биле исти кога би имале повеќе мускули. Бидејќи се' е засновано на мускули и закана, дури и финтите наменети да одушеват. 
На сите заедно - страв им е од височините кон кои се стреми цивилизацијата, страв им е од длабочините кои ги поседува духот, страв им е од непознатото, а уште повеќе се плашат да научат нешто. Добро им е во смрдеата на затворот кој сами го креирале. Ги китат ѕидовите на тој затвор со невиден кич, го испишуваат со лаги, а за скудните порции велат дека се последица од надворешниот и внатрешниот непријател. 
Страдаат помалубројните. Во такво маало (општество) единствениот орган кој не е во функција е мозокот. Бидејќи, кога би профункционирал, мозокот би крикнал пред гротеската на нетолерантната и примитивна толпа; пред насилието кое, во скриени или отворени форми, се вткајало во животите на луѓето. 

(Овој текст објавен во Дневник на 26.03.2010. Го објавувам повторно овде во прилог на Меѓународниот ден за толеранција, 16 ноември. Редакцијата на Дневник практично немаше никакви интервенции во текстот. Во меѓувреме, нештата за кои пишувам во оваа колумна не се променети, освен кон полошо. Ако сакате да се задржите на темата, можете да кликнете и на новиот блог на Цивил посветен на толеранцијата)

Илистрација: дизајн на Цивил - Центар за слобода;
врз основа на слика (масло ) од Александра Маја Милошевиќ

No comments:

Post a Comment