Saturday, January 28, 2012

Стоп за фашистоидното лудило

Белешка за струшките настани

Дописничката на Алфа ТВ, Росица Голабоска, побара од мене изјава за последните настани во Струга. Ме фати среде пишување текст кој има блиска врска со струшките настани, па така и се согласив да одговорам на прашањето и тоа во писмена форма. Бидејќи мојата изјава беше предвидена за вести, разбирливо, таа се пренесе во скратена форма, но сосема коректно, во секој случај. Овде ќе ви ја пренесам мојата изјава во целост, а воедно најавувам поопширен текст под работен наслов „Патриотски игри: фашизам во Македонија“ кој се надевам дека ќе биде готов до вторник. Повелете, коментирајте:

Настаните во Струга се очигледна рефлексија на атмосферата и политиките на државно ниво. „Патриотските игри“ што ги играат институциите на власта се крајно опасни и можат да донесат само зло и солзи. Непримерно е претставник на власта и на централно и на локално ниво да се појави на протести против националистичката практика на таа иста власт. Ова го тврдам бидејќи стана повеќе од очигледно дека фашистичките пројави во земјава се охрабрувани, па и оркестрирани и финансирани токму од кабинетите во владата. Владата им припаѓа на сите граѓани на Република Македонија и ако фашизмот на етничките Македонци е спонзориран од таа Влада, граѓаните не треба да ги интересира дали тоа спонзорство е потпишано од Груевски или од неговиот партнер Ахмети. Оттаму, претставниците на ДУИ не само што немаат зошто да излегуваат на протести, туку треба да се чувствуваат директно засегнати и одговорни токму на тоа владино ниво. 

Што се однесува до повредените верски чувства на граѓаните со исламска вероисповед (или во други прилики - дискриминацијата по етничка или друга основа) постојат институционални форми за заштита, односно санкционирање на тие што шират етничка, верска и расна омраза. Во оваа прилика муслиманите во Струга можат, заедно со своите сограѓани христијани да побараат извинување од прекршителите и задоволување на правдата. Воедно, ова е можност сите Стружани солидарно да побараат стопирање на фашистоидното лудило кое ја зафаќа целата земја. Тоа секако ќе ги збуни и замисли одговорните за овие состојби.

Апелирам до сите граѓани на Струга, а воедно на Македонија, да најдат доблест и граѓанска култура да ги смират опасните страсти и да не учествуваат во „патриотски игри“ со опасен исход. Граѓаните на Струга се мирни, широки и достоинствени луѓе, а со ова мислам на сите што живеат таму - Албанци, Македонци, Турци, Власи, Муслимани, Срби, Бошњаци, Роми... Важно е во овие мигови да се препознае изворот на проблемите и да се обидеме да ги решиме со ладна глава, мислејќи на поколенијата што растат. 

Да ја смениме приказната. Нека Струга биде пример на етничка и верска солидарност во Македонија со која се повикало на разум и толеранција и се бокотирал национализмот од каде и да доаѓа и без оглед на тоа кој прв почнал. 

Џабир Дерала 

1 comment:

  1. fassizmot ne bira strana a vo makedonija go ima od veka. mozze da se kazze deka site polkitiki i vladi dosega imaat svoj del od vinata po ova prassanje. no zossto ne se zboruva otvoreno za istorijata i motivite na fassizmot, nacionalizmot, patriotizmot vo makedonija, koj vproccem voopsste ne e specijalnost na makedonija tuku pojava koja dobiva zagrizzuvaccki razmeri vo cela evropa.
    Ako se razbereme sebesi, nasite motivi, veruvam deka kje ja smenime prikaznata.

    ReplyDelete