Tuesday, November 29, 2011

Насилството меѓу младите


Во Македонија имаме силно развиен и растечки култ кон насилството и антицивилизациските вредности

Растечкото насилство меѓу младите во Македонија најчесто има етнички предзнак. Несомнено, насилството кај младите не можеме да го отпишеме само како реакција на насилничките ТВ програми и компјутерски игри. Секако, свое влијание имаат електронските продукти, но проблемот е многу подлабоко. Во Македонија имаме силно развиен и растечки култ кон насилството и антицивилизациските вредности.
Да ја погледнеме реалноста таква каква што е. Насилството меѓу младите, особено етнички мотивираното, е последица од штетните политики на институциите на државата, деструктивното делување на политичките елити и длабоко вкоренетите предрасуди и нетолеранција во општеството. Кога живеете во држава во која дискриминацијата е институционализирана, а секојдневието и образовниот процес се исполнети со национал-шовинистички содржини и маскулинистички манири, децата и младите се првите жртви.
Етнички мотивираното насилство и насилството воопшто најпрво се толерира, па и се поттикнува дома, во семејството. Но, подеднакво штетно, ако не и поштетно, е влијанието кое децата и младите го трпат на училиште. Тие се опкружени со учебници и наставен кадар кои се производ на крајно неодговорни образовни политики. Мора да се има предвид и фактот дека насилството кај децата и младите и тогаш кога не е етнички мотивирано, често е последица од негативната атмосфера и нетолеранцијата по етничка линија. Нетолеранцијата лесно се канализира, односно трансформира во етничка омраза која резултира во насилство.
Без намера да се заплашува јавноста, сепак, мораме да имаме предвид дека патеката од ладното до огненото оружје е многу кратка. Со оглед на сегашните состојби и трендови, не е далеку денот кога ќе оддекне веста за вооружена престрелка меѓу малолетници кои на нишан ќе ги земат претставниците на, за нив, антагонизираната етничка група. Таквата трагедија ќе има далекусежни последици по безбедноста и развојот на земјата. Родителите, наставниот кадар и институциите на системот мораат да имаат предвид дека таквата можност виси во воздухот и е многу реална.
Загрижувачки сигнали и алармантни настани имавме повеќе од доволно, на што доследна реакција од општеството и државата изостана. Тоа не може да е случајно. Но, тоа што очигледно не допира до свеста на оние што спроведуваат политики или се нивни субјекти е тоа дека оваа приказна нема среќен крај.

Џабир М. Дерала 

(овој текст е објавен во online изданието на Глобус магазин)

Tuesday, November 15, 2011

Ментален смрдеж


Толеранција е мирољубива коегзистенција на различностите, хармонија и почит меѓу нив. Во денешниот, постмодерен свет, толеранцијата не е само морална одредница, туку политички и законски услов. Убавината и супериорноста на индивидуалниот израз за нетолерантниот е страшна, погубна за неговата ментална одаја смлачена од прдежите на медиокритетството

Џабир М. Дерала
Толеранцијата подразбира знаење и отвореност, комуникација, слобода на мислата и говорот, свест и совест, верба во цивилизациските вредности на овој и ваквиот свет. Тоа е мирољубива коегзистенција на различностите, хармонија и почит меѓу нив. Во денешниот, постмодерен свет, толеранцијата не е само морална одредница, туку политички и законски услов. Толерантно општество значи општество во кое се негува и овозможува мирот. Тоа е мирно, безбедно и просперитетно општество, но далеку од пасивно. Хераклит кажа уште пред две и пол илјади години: „Тоа што го разликува едното од другото е во согласност. Хармонијата е судир на спротивности, како лирата и гудалото“.
Што е обратно на тоа? Нетолерантен човек значи незнајко, затвореник на сопственото незнаење и предрасуди. Тој е надарен со вештината на зборување, но не комуницира. Тој не го разбира другиот и ја оспорува потребата на другите да мислат и да се изразат слободно. Онаа малку интелигенција што ја поседува ја употребува само колку да смисли начини да ја одржи својата исклучивост и омраза. Слеп за фактот дека тоа што тој го оспорува, го ограничува и него, нетолерантниот. 
Нетолерантниот не може да живее во мир и хармонија со оние што се различни од него, бидејќи во него нема ни свест ни почит за различното. Во суштина, со тоа тој најмногу го затскрива својот страв и комплекс на инфериорност. Да, тој го смета различното за аномалија и болест, но уште повеќе, се плаши од различното, бидејќи го доживува како закана - го потценува, но потсвесно се плаши дека тој самиот е помалку вреден. 
Нетолерантниот за различностите има само негирање, сонува за борба до нивно истребување. Не разбира дека живее во свет кога различностите се различни манифестации на една заедничка човечка цивилизација, која се менува секој ден, секоја минута. 
Светската цивилизација по Втората светска војна доживеа силна трансформација. Една од најважните категории промовирани во последните 60-ина години е толеранцијата, изразена и регулирана преку спогодбите и легислативата кои почиваат врз широките толкувања и прифаќање на човековите права. Оттаму, нетолерантниот не само што е неморален, туку неговата политичка тежина е релативизирана, а во однос на правото тој е криминалец. Тоа е човек кому војната, уништувањето и убивањето не му се туѓи. Неговите размислувања и постапки се еднакви на нацистот и, едноставно, му припаѓа на најмрачната доба на човештвото. Не е ни многу различен од средновековната толпа која се собирала на плоштадите каде што се беселе, гореле или черечеле обвинетите за престапи против црквата, а всушност биле различни или само размислувале со своја глава. 
Нетолеранцијата најчесто е насочена кон лице или група која отстапува од доминантната култура. Најчесто се манифестира со сведување на личноста на функција, однос кон лицето или групата која човечкото битие го дефинира според етничката, лингвалната, верската, расната припадност или сексуална ориентација. Но, тоа не застанува таму, туку оди и кон инвенција на погрдни и понижувачки изрази и епитети. Со време, самите називи на тие функции стануваат пејоративни, а нивна единствена намена е да навредат, потценат, понижат некој што е различен.
Нетолерантниот, покрај тоа што е дегенерик и отпадник од современата цивилизација, а единствената заштита му е толпата истомисленици, тој е истовремено прилично глупав и мрзелив. Тој не сака промени, макар да се во позитивна насока. Единствена утеха му е владеењето на неговата клика, на важни места да се поставени исти такви како него, да не им се даде на различните да здивнат, а секоја можност да се искористи тие да се исклучат, исплукаат, изолираат, истребат. Убавината и супериорноста на индивидуалниот израз за нетолерантниот е страшна, погубна за неговата ментална одаја смлачена од прдежите на медиокритетството. 
Маалските силеџии и политичарите имаат многу заеднички особини. Неспособни да ги решат проблемите на заедницата во која претендираат да бидат главни, да владеат, својата импотентност и инфериорност ја кријат зад омразата кон различното, кон оние што не доминираат со бројка. Својата мизерија ја лечат со тоа што им го прават мизерен животот на другите. Го организираат стадото и го држат заедно, а немајќи ништо вредно да понудат, не знаејќи како се постигнува нешто добро за заедницата, тие за се' ги обвинуваат тие што се помалку на број. 
За да го одржат стадото на купче, а со тоа и својата позиција, тие се користат со примитивни начини (подобро не можат), за да ги одушеват сите околу себе. Тие што не се одушевени, молчат и се преправаат, бидејќи се кукавици и колаборационисти. Можеби би биле исти кога би имале повеќе мускули. Бидејќи се' е засновано на мускули и закана, дури и финтите наменети да одушеват. 
На сите заедно - страв им е од височините кон кои се стреми цивилизацијата, страв им е од длабочините кои ги поседува духот, страв им е од непознатото, а уште повеќе се плашат да научат нешто. Добро им е во смрдеата на затворот кој сами го креирале. Ги китат ѕидовите на тој затвор со невиден кич, го испишуваат со лаги, а за скудните порции велат дека се последица од надворешниот и внатрешниот непријател. 
Страдаат помалубројните. Во такво маало (општество) единствениот орган кој не е во функција е мозокот. Бидејќи, кога би профункционирал, мозокот би крикнал пред гротеската на нетолерантната и примитивна толпа; пред насилието кое, во скриени или отворени форми, се вткајало во животите на луѓето. 

(Овој текст објавен во Дневник на 26.03.2010. Го објавувам повторно овде во прилог на Меѓународниот ден за толеранција, 16 ноември. Редакцијата на Дневник практично немаше никакви интервенции во текстот. Во меѓувреме, нештата за кои пишувам во оваа колумна не се променети, освен кон полошо. Ако сакате да се задржите на темата, можете да кликнете и на новиот блог на Цивил посветен на толеранцијата)

Илистрација: дизајн на Цивил - Центар за слобода;
врз основа на слика (масло ) од Александра Маја Милошевиќ

Saturday, November 12, 2011

КОНФОРМИЗАМ, ЛИЦЕМЕРИЕ И ОПОРТУНИЗАМ

Што се случува со Македонија додека функционерите на граѓанскиот сектор уредно ги штелуваат своите табели со индикатори за постигнувањата, ризиците и предизвиците?

Кога се зборува за транзицијата, демократизацијата и други важни процеси, секој на свој начин, па и организациите на граѓанското општество (невладините организации) раскажуваaт за својата ролја во тие процеси. Често се споменуваат имиџот на невладините и довербата која ја уживаат кај граѓаните. Невладините по дифолт известуваат за влијанието и промените кои тие самите ги предизвикуваат во општеството и државата. Тоа се, претпоставувате, розови извештаи. 
Во принцип, тоа е здраво, секторот да се занимава самиот со себе, да се преиспитува и вреднува својата сопствена работа и позиција. Тоа го прави секој. Но, што се случува со Македонија додека функционерите на граѓанскиот сектор уредно ги штелуваат своите табели со индикатори за ризиците, предизвиците и постигнувањата?
За тоа време, олигарсите, организираниот криминал и политичките елити – структури кои изгледаат како да се една иста – ги експлоатираат и понижуваат граѓаните. Тие, пак, граѓаните, до ден денешен не успеаја да се стекнат со политичка и граѓанска култура барем налик на онаа во развиените демократии.
Како да се чувствува просечниот граѓанин на оваа земја кога некој до бескрај меле за демократија, владеење на законот, помирување на заедниците и интеграција на општеството? А ништо од тоа не ужива. И никој не се обидува да посочи јасно и недвосмислено кон изворот на неволјите. Да поттикне на акција и одговорност.
Една од честите теми која со различен вокабулар се обработува е интеграцијата на општеството. Интеграција на што? Општество не успеавме да изградиме. Како да го интегрираме?
Македонија, 21 век... Смрдлива кошница во која луѓето и процесите се движат без ред и смисла. Групирањето во помали или поголеми орди најчесто е врз основа на заостанати, бесмислени и нечовечни идеи. Македонија, 21 век... Се гради грозоморен кич и серковци пеат за Гоцевата раса на едната, а други се клањаат на своите пешкирчиња на сред сокак на другата страна.
Човековите права и слободи практично се непознаница. Во разговори со студенти, димпломирани правници, наставен кадар, па и невладини функционери сфаќам дека немаат поим за тоа што се човекови права. Не ја прочитале, на пример, Универзална декларација за човековите права, не ги знаат ни основите на Европската конвенција за човековите права или онаа за националните малцинства. Тие што ги прочитале овие четива, ги истретирале како занимливост од забавните рубрики. Или стапиле во служба на нивно касапење и манипулација заедно со тие што тоа го прават од името на институциите. 
Дискриминацијата по сите основи е вткаена во секојдневието, политичарите и институциите ја користат како секојдневна алатка, а за тоа нема многу бранувања од ниедна страна. Ништо од тоа како да не постои, „се додека не ми се случи мене или на некој мој“. Солидарноста е нешто далечно, предмет на сеир и маалски подбив. Ако не го кренеме гласот во одбрана на непознатиот сограѓанин од другиот крај на градот или државата, неправдата со молскавична брзина ќе дојде на нашиот куќен праг. Но, тогаш е доцна. Другите се веќе изманипулирани, исплашени или корумпирани.
Предрасудите се плодна почва за омразата, а таа води кон страв и насилство. Дилерите на тие дроги се во структурите на моќта. Тоа е ефтина дрога, а профитот е огромен.
Додека опозицијата се гледа во магичното огледало, тимот „24/7“ работи со полна пареа. Медиумите тонат во мрак. „Медиумите и така си лажат, а јас и така ја знам вистината“ – потпевнува хорот индолентни поданици. Дали е така? Ако медиумите молкнат, а новинарите станат офицерчиња на власта, трулежот ќе завладее насекаде. Имајте предвид дека, по дефиниција, медиумите се дел од граѓанското општество.
Ги гледам ѕидовите високо дигнати меѓу луѓето и не можам да разберам како стана толку тешко да се види очигледното и како способноста за говор стана хендикеп... 
Ја гледам летаргијата и мрзата на невладините, тие што ги имаат алатките да им помогнат на луѓето. Владее тишина и кукавичлук таму каде што гласноста и одважноста се подразбираат. Гледам конформизам, лицемерие и опортунизам каде што тоа треба да биде незамисливо.

Џабир М. Дерала

A Wall

Photo: Xhabir M. Deralla

Ferhunde

Photo: Xhabir M. Deralla

Wednesday, November 2, 2011

Планета на мајмуните - Освојување на ЕУ

Гледајте вести на поинаков начин. Обезбедете им место на вашите омилени политичари во новиот филмски хит Планета на мајмуните - Освојување на ЕУ. 

Продолжението на филмот Планета на мајмуните - Освојување на ЕУ веќе се снима во Македонија. Поради веродостојност, тимот автори и продуценти на филмот реши во овој филм да употребува минимум шминка и гардероба, односно ќе се бара актерите што ќе ги толкуваат улогите да бидат што е можно поприродни. Така, ако се работи за лик на политичар, улогата треба да ја толкува токму политичар од поднебјето каде што ќе се снима продолжението на овој филм за кој критичарите уште сега велат дека ќе биде хит.

Се работи за акционен филм во кој мајмуните од земјите кандидати предводат дел од животинскиот свет во поход на ЕУ. Армијата ја предводат мајмуни, а понискиот команден кадар и војската се сочинети од домашни животни, пред се, магариња, свињи, крави, коњи, волови и овци. Очигледно, авторите се под силно влијание на оригиналниот филм Планета на мајмуните, но и на Орвеловата Животинска фарма. Иако филмот во овој момент го сместуваат во жанрот акција, во него, колку што можев да заклучам од малкуте (поверливи) извадоци од сценариото  преовладуваат траги-комични ситуации.

Продукцијата ме одбра мене да направам кастинг, но јас претходно сакам да ги консултирам моите читатели и френдови, подалечни и поблиски. Затоа, ве молам, испратете ми ваши рангирани листи со кандидати од редот на политичарите, локални или државни, кои според вас треба да толкуваат улоги на мајмуни, свињи, магариња во овој иден филмски хит Планета на мајмуните - Освојување на ЕУ.


Имајте предвид дека ова е прелиминарно гласање (прва фаза) кога правиме само листа на кандидати за филмот, а во втората фаза ќе одиме на потесен избор. Првите три места ќе добијат поважни улоги во филмот, а другите ќе бидат статисти.

Во прилог на овој повик до вас ви доставувам и неколку фотографии. Значи, прашањето е: Кој политичар на кое животно ви личи и дали треба да игра важна улога во филмот или треба да добие улога на офицер или обичен војник, односно статист?


Вашите листи треба да ги содржат следните податоци:
Реден број (кој воедно е и рангирање) - Име и презиме на политичарот кој сакате да игра улога во филмот - Животно на кое ви личи политичарот кој го предлагате - Статус во филмот (лидер/мајмун, офицер или војник/статист).

Гледајте вести на поинаков начин. Обезбедете им место на вашите омилени политичари во новиот филмски хит Планета на мајмуните - Освојување на ЕУ.

Џабир М. Дерала

ТЕСТ: 
Кажете ги имињата на македонските политичари на фотографиите