Saturday, January 7, 2012

ХРАБРИТЕ ЌЕ ОСТАНАТ ONLINE

Џабир Дерала

Во текот на проектниот сегмент Човек=Права во декември (2011) имав можност да дискутирам или да се допишувам со повеќе новинари, претставници на граѓанското општество и граѓани. Комуникацијата најчесто се однесуваше на општи оценки на човековите права, а посебно интересни теми беа медиумите, слободата на говорот и правата на етничките заедници. Тоа, на некој начин, ја отсликува перцепцијата на човековите права во Република Македонија, иако тие се загрозени и во неколку други, подеднакво важни сегменти.
Овој текст е напишан врз основа на разговорите и темите кои беа начнати со повеќе новинари, вклучувајќи го и последното интервју што го дадов пред неколку дена за дневниот весник на албански јазик, Факти. Значи, ќе се обидам на едно место да одговорам на неколку прашања од корпусот на човековите права и слободи, а за кои најчесто зборував или слушав деновиве од луѓето со кои бев во контакт.
Воедно, им благодарам на сите новинари, колеги и граѓани за искажаниот интерес и поддршката во текот на месец декември, а особено за нивното бројно присуство на отворањето на Изложбата Човек=Права и панел дискусијата Слободата на говорот и медиумите во Македонија на која се промовира и вториот број на Дијалог – њузлетер за демократија и човекови права. Се надевам дека таа поддршка ќе расте и продлабочува во годината пред нас.

Состојбата на човековите права и слободи во Република Македонија е загрижувачка и се влошува Состојбата на човековите права и слободи во Република Македонија е загрижувачка и се влошува. Кршењето на човековите права е масовно и навлегува во сите сегменти на општеството и засегнува голем број општествени групи и категории. Каде и да погледнеме, можеме да констатираме сериозно кршење на човековите права, почнувајќи од работничките и социјалните права кое датира од самото осамостојување на земјава и се влошува постојано.
Правата и слободите загарантирани со Уставот, законите и меѓународните спогодби во доменот на етничките, културните и религиозните права и слободи се, исто така, под континуирана закана, а дискриминацијата е вткаена во сите пори на општеството. Најзагрижувачки е тоа што кршењето на човековите права и слободи е искачена на институционални нивоа.
Истото се однесува и на дискриминацијата по основа на родова припадност и сексуална ориентација.
Затворениците и притворените лица имаат третман еднаков на средновековието и подложени се на секојдневно понижување, малтретирање, а неретки се и случаите на тортура при апсење, полициски и истражни постапки, како и во затворите.
Кршењето на човековите права и слободи и дискриминација се врши и по линија на припадност на политичка опција, односно членство во политичка партија.
Понатаму, слободата на говорот е под сериозна закана и од ден на ден се влошува. Ова неотуѓиво човеково право на груб начин се рефлектира преку контролата врз медиумите од страна на центрите на политичка и финансиска моќ, притисокот врз новинарите и кроењето на уредувачката политика во кабинетите на моќниците, а не во редакциите, каде што и е местото.
Сето тоа има сериозно и негативно влијае на владеењето на правото во земјата, а со тоа и на општиот развој и интегративните процеси, како на национално, така и на меѓународно ниво.
Кршењето на човековите права и слободи во Република Македонија започнува и завршува во институциите на системот, почнувајќи од највисокото законодавно тело, Парламентот, завршувајќи со партиските послушници поставени во единиците на локалната самоуправа кои будно внимаваат на секое бранување во секое соседство, на секоја педа од земјата. Злоупотребата на позициите, народните пари и медиумите се во меѓусебна спрега и со единствена цел: да се угушат правата и слободите и да се остане на власт што е можно подолго.

Човековите права и етничките заедници во земјава Кога меѓународните конвенции и спогодби се ратификувани од парламентот на една демократска земја, тие стануваат дел од нејзиното национално законодавство. Македонија е потписник на сите поважни меѓународни и европски конвенции, спогодби и директиви, од кои за ова ваше прашање важно е да се спомене Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства. Притоа, Уставот и законите, особено по склучувањето на Охридскиот договор, ги гарантираат правата и слободите на сите етнички заедници кои живеат во Македонија.
Но, сето тоа се само декларативни определби донесени под притисок на реалноста во земјата, воен конфликт и дипломатски интервенции. Доследна имплементација изостанува, како последица на длабоко вкоренет национализам и дискриминаторски политики.
Етничката сегрегација продолжува и тоа во најчувствителниот сектор, образованието. Распределбата на финансиите и социјалните услуги за населението е нерамномерна, застапеноста на етничките заедници во администрацијата е далеку од правична, а правдата е различна зависно од етничката припадност на луѓето. Процесот на децентрализација не е завршен на штета на немнозинските етнички заедници. Различното читање на Охридскиот договор, зависно од тоа дали сте македонски или албански политичар, во опозиција или на власт ја надополнува сликата и внесува дополнителни проблеми.
Eдна илустрација. Правичната застапеност на етничките заедници во администрацијата се претвори во фарса. Општо прифатена е квалификацијата „рамковни вработувања“. Формалното вработување на Албанците во државната администрација, а нивно неангажирање со полно работно време предизвикува најмалку две негативни последици. Прво, предизвикува револт кај населението затоашто некој е вработен од државата, зема плата, а не работи, со што предрасудите и нетрпеливоста само се зголемуваат. Второ, граѓаните Албанци и понатаму немаат можност да користат услуги од администрацијата, односно не е задоволена потребата службениците да ги толкуваат нивните проблеми со поголемо разбирање, а комуникацијата и понатаму не е на албански јазик. Значи, од една страна, партиите на власт формално си ја завршиле работата, барем делумно, а од друга страна, не само што не го решиле проблемот, туку генерираат дополнителни. Тоа јас не го нарекувам добро завршена работа, освен ако не се работи за нечии приватни амбиции да остане на власт и да ги задоволи апетитите на партиските солдатески.

Меѓу утопијата и реалноста Да се биде човек е да се имаат права. Секој од нас е претставник на човештвото. Затоа, секој од нас има право да бара почитување на човековите права и слободи за себе и за сите други луѓе на светот, а тоа подразбира и тој самиот да ја исполнува својата должност да ги почитува човековите права и слободи. Накратко, со самото тоа што сте се родиле како човек на оваа планета, ги имате сите права што им припаѓаат на сите луѓе, подеднакво и целосно. Поточно, правата и слободите се неделиви, не може некои права да ги имате, а други не. Сите права за сите.
Јас не зборувам за утопија, туку за стандард за кој сите држави во светот се договорија на 10 декември 1948 година кога ја усвоија Универзалната декларација за човековите права. Тоа стана основа за правниот поредок во светот денес. Реалноста е дека државите само формално го усвоија овој и низа други меѓународни документи. Но, тоа се очекува. До нас, граѓаните е да ги побараме тие права. Никој нема да ни ги сервира на тацна. Јас во ниеден момент не сум кажал дека борбата за човекови права е лесна и дека некогаш запира, односно завршува. Тоа е континуиран процес и бара големи напори.
Во Декларацијата има доволно инспирација за тоа што треба да направите за да побарате правда, човекови права и слободи. Не смеете да бидете мрзеливи. На крајот на краиштата, Декларацијата е многу кратка, некои две странички.
Должност на секое човечко суштество е да им раскаже на тие што не знаат, да ги охрабри тие што се заплашувани и прогонети, да ги одбрани тие што се под закана и врз нив се врши насилство и терор.
Да се биде човек заначи да се посветиме и да се бориме за добробитта на секое човечко суштество на планетата Земја. Сето тоа ве прави човек. Тешко е, но човечно. За почеток, земете ја Универзалната декларација за човековите права и прочитајте ја. Разговарајте со вашите блиски и со соседите за неа. Преземете акција. Тоа е можно само преку лично посветување, солидарност и активизам. Секој од нас е важен.

За активностите на Цивил – Центар за слобода Цивил – Центар за слобода спроведува проекти за јакнење на јавната свест и едукација за човековите права и слободи континуирано и на различни начини, без оглед на буџетските, временските или било какви рамки. Нашата стратегија, а оттаму и годишна програма во голем дел е посветена на човековите права и слободи. Од 2010 година наваму, нашата програма ја поддржува Програмата Civica Mobilitas, која ја финансира Швајцарската агенција за развој и соработка, а ја имплементира Центар за институционален развој (ЦИРа).
Една од главните теми на нашиот најамбициозен проект Решенија се токму политичката култура и дијалогот. Според мене, политичката култура се манифестира преку нивото на познавање и почитување на човековите права и слободи.
Во декември водевме кампања за јакнење на јавната свест за човековите права и слободи преку проектниот сегмент наречен Човек=Права во чии рамки се одржа една многу интересна изложба на ликовни дела инспирирани од Универзалната декларација за човековите права.
Минатата недела го отпечативме и вториот број на Дијалог – њузлетер за демократија и човекови права на македонски јазик, а во тек е печатењето на албански и англиски јазик. Присутни сме и во новите медиуми преку нашата веб страница, блоговите и социјалните мрежи. Проектот го финансира Balkan Trust for Democracy.
Во доменот на слободата на говорот која е едно од основните човекови права и слободи, работиме на јакнење на слободата на медиумите. Еден од проектите за тоа е Новинарскиот прирачник кој го финансира Амбасадата на Кралството Норвешка.
Реакцијата на нашите активности и проекти е позитивна, но недоволна. Се надеваме дека граѓаните ќе се активираат во најскоро време. Моите колешки и колеги во Цивил деноноќно работат на тоа идеите, знаењата и активностите да ги приближат до што е можно поширока публика. Дали сме успешни единствено можеме да го провериме од реакциите на граѓаните. Најмалку што можат тие да сторат е да кликнат на некој од нашите линкови и да ги прочитаат содржините кои ги објавѕваме. Не е доволно само да се клика, но и тоа е добро за почеток. Затоа, на голем број наши соопштенија, во некој агол ќе го забележите повикот: Кликни за човекови права, а тоа најчесто води до нашата веб страница или до некој од нашите тематски блогови.

Година на револуции: храбрите ќе останат online Светот громогласно се менува. Милиони луѓе ширум светот излегоа на улиците да ги побараат човековите права и слободи. Тие не го жалат своето време, работните места и социјалниот статус. Во многу земји во светот видовме голем број млади кои не се плашеа ни за своето здравје, па дури ни за животот. Човековите права и слободи им беа ултимативна цел и не се колебаа да излезат на улица.
Младите демонстранти ширум светот ги употребуваат сите средства за да се слушне нивниот глас, да ги принудат владите да го преиспитаат начинот на владеење. Оваа година беше година на револуциите за човекови права. Новите медиуми многу им помогнаа во тоа. Арапската пролет покажа и докажа дека наспроти сите обиди на диктаторските режими да ги контролираат и блокираат средствата за комуникација, интернетот и социјалните мрежи овозможија народот да се обедини и координира во пресметката со суровите режими.
Движењето Окупирајте го Вол Стрит и многу други превирања во светот имаат еден основен белег: граѓаните во светот решија да го кренат својот глас и покажаа висока свест за човековите права и слободи. Тоа не се постигнува со висење по кафулиња и чајџилници, туку со активно вклучување во граѓанските акции за подобрување на животот на сите луѓе подеднакво. Невладините организации се одлично место за активирање.
Стотиците милиони луѓе кои живеат во земјите и регионите погодени од ураганот на немири, незамисливо големите бизнис, политички и безбедносни интереси вплетени во целата приказна, не ветуваат брз и едноставен расплет на ситуацијата. Времето на расчистување на сметките, манипулациите и трговијата со судбината на народите допрва доаѓа. Ќе паднат уште многу жртви. Режимите ќе се обидат да манипулираат со пари и медиуми, да контролираат со пендреци, солзавец и тенкови. Но, храбрите ќе останат online.



1 comment:

  1. me as a young activist for human rights, i believe in applying the rights and i will fight with whatever i can to protect my right!

    ReplyDelete