Wednesday, April 10, 2013

ДОЛГА Е СЕНКАТА НА БАЛКАНСКИТЕ КАСАПИ


Белешка, ноќта пред уште еден Воен Злосторник да биде пречекан како Херој

Полињата на смртта од изминативе децении на Балканите сé уште испаруваат. Звукот на крвавите војни, смртта и страдањето на стотици илјади луѓе сé уште се во воздухот. Раните се отворени сé уште, а спомените се полни гнев и оплакување. Масовни убиства, погроми, егзекуции, етнички чистења, концентрациони логори...
Долга е сенката на Балканските касапи. Во текот на повеќе од една деценија, крвожедните криминалци со изместени умови водеа слични на себе орди од злосторници, силувачи и убијци во невидени искушенија и се воздигнуваа себе си како национални херои и ослободители од „другите“.
Уште една деценија потоа, луѓето што живеат на Балканите, беа сведоци како наследниците на касапите – каков што е Милошевиќ (и многуте што ја избегнаа правдата) – флертуваа со нивните недела, криејќи ги колку што можеа подолго, правејќи ја така меѓународната правда бавна и неефикасна. Тие ликови, токму наследниците на балканските касапи прикажуваат приврзаност кон демократските вредности во нивните мали земјички, а се преправаат дека се про-европски-што-и-да-е пред странците. Во меѓувреме, дадоа сé од себе да го дискредитираат Хашкиот Трибунал во домашната јавност на најразлични начини. Правејќи го тоа, тие се стекнаа со повеќе гласови од националистичките свињи во своите земји, градејќи на тој начин сопствени мали деликвентни кралства и задушувајќи ги општествата со смрдеата на своите извитоперени фантазии и неконтролирани апетити.
Хрватска, Србија, Босна, Косово, Македонија... Сите тие плачеа по своите „херојски синови“ кога ги приведе Хашкиот Трибунал (ICTY) и им приреди величествен дочек кога се враќаа дома. Македонија имаше ваква забава за дочек за Љубе Бошкоски веќе во летото 2008 година.
Сега, вториот повратник, Јохан Тарчуловски осуден од Хаг на 12 години затвор за неговата главна уголга во Љуботенскиот масакр ќе биде прибран од затворот во Германија со авион на владата. Медиумите веќе се во трка да објават стории за атмосфера на олеснување и среќа за ослободувањето на Тарчуловски, за забавата за дочек која владата на Груевски ќе ја направи, почнувајќи од двајцата амбасадори на Македонија во Германија и Холандија кои го дочекаа пред капијата на германскиот затвор, каде што овој воен злосторник ја отслужуваше казната.  
Однесувањето на балканскиве властодршци е одвратно. Тие ги дочекуваат воените криминалци како херои, а со тоа стануваат нивни соучесници, ги одобруваат нивните недела, плукаат во лицето на меѓународната правда и ги разгневуваат тие што ги изгубиле своите блиски. 
Го видовме ова насекаде во екс-Југославија и го видовме во Македонија пред пет години. Овојпат, силниот потсетник доаѓа во ликот на осуден воен злосторник. Владата која би требало да биде една за сите граѓан(к)и вклучувајќи ги и оние чии блиски погубија Тарчуловски и неговата банда – всушност го негуваа култот кон Јохан веќе со години. Сега дојде време да се ужива во врвот на венерациите.
Имено, ова е владата на тие цивили кои страдаа и од неделата на УЧК, вклучувајќи ги 12-те семејства на исчезнатите Македонци од 2001 година. Токму ова е владата во која поранешниот лидер на УЧК Али Ахмети е партнер веќе шест години.
Ова е владата која го испраќа својот службен авион и пречекува воен криминалец како херој под новокомпонираната триумфална капија.
Плус: за секој што сака да го пречека воениот криминалец на аеродромот или во Скопје, ќе има бесплатно возење со автобус (250 автобуси се резервирани за утре).
Ќе биде ли Али Ахмети таму, кај кичестиот плоштад полн споменици на други касапи? Или ќе остане во Тетово, градот во кој Рамуш Харадинај стана почесен граѓанин во една церемонија пред пар месеци? Штета, тоа всушност беше неговиот политички опонент што му ја укажа честа на Харадинај во обид да освои локална власт, неуспешно. Или, дали Ахмети ќе биде во Љуботен во обид да им пружи утеха на оние што страдаа од дивеењето на Тарчуловски пред 12 години? Можеби, наместо тоа, ќе направи таква чест, што ќе се обиде да им пружи утеха на сите мајки на настраданите во воените зони на двете страни во 2001-та. Се разбира, во името на владата на Груевски.
Ахмети настрана; важно ние знаеме со сигурност каде ќе биде премиерот и неговиот етнички македонски дел од владата. Имено, со ѕвездата на денот – Тарчуловски – на плоштадот на триумфите. И ќе ќари уште некој политички поен. И ќе им наштети на меѓуетничките односи уште повеќе. А утре? Можеби треба да почекам до утре и да видам што ќе се случува? Не мислам така.
Утре ќе биде само уште еден ден од историјата на срамот.

Џабир Дерала