Monday, November 17, 2014

Висовите каде стојам со моите другари

Мислите дека можете да стасате до овие висови
каде стојам со моите другари?
Мислите, ако приграбите моќ,
можете да се воздигнете до овие височини?
Се дрогирате со жални фашистички фрази
и се убедувате дека сте грандиозни. Ах! За миг,
само за миг.

Да, длабоко во вас,
има едно чувство
тој малечок ѓавол на сознанието.
Го слушате тој пакосен шепот во главите:
Мизерни сте и мали сте патетични сте
Бескраен шепот

А јас и моите другари сме
недостижни и недопирливи за вас.
Тогаш, ги одврзувате кучињата
и започнува ловот.
Некои од нас ќе убиете,
некои ќе ги уапсите или згазите,
плукате на нашите лица,
кажувате лаги за нас.

И имате чувство дека сте победиле. За миг,
само за миг.
Си кажувате уште една лага.
Имате чувство дека
вашата орда сјае
и дека сте заслужиле златни букви
на страниците на историјата.

Историјата е напишана со едноставни букви, батки,
црни букви на груба хартија,
тоа е тоа.
Златните букви се за вашите кичести згради
и ќе се најдат на некои од вашите гробови,
никаде на друго место.

Кратка е прославата на вашата победа.
Сфаќате,
вие сте мизерни,
фрустрирани,
ниски форми.

Сфаќате дека никогаш нема да бидете
како мене и моите другари.
Парите и моќта не можат да ве променат.
Би сакале,
но вашето сељаштво
смрди од внатре.
Лигави сте и плитки,
примитивни и глупави.
Тоа е тоа, батки.
Не можеме ништо да сториме во врска со тоа.
Мислите дека насилништвото е победоносно?
Убиј, уапси, навреди и повреди.
Вие нема да станете подобри, ние нема да се снижиме.
Убиј, уапси, навреди и повреди.
Вие можете да одземете живот, но не и слобода.

Мислите дека изгледате подобро
ако направите ние да изгледаме полошо?
Нам не ни треба моќ да бидеме моќни.
Не ни требаат пари да бидеме богати.
Не ни треба добар изглед да бидеме големи.
Не ни треба потврда дека сме убави,
бидејќи ние сме убави.

Не можете да ги промените фактите.
Не можете да се промените себе си.
Што и да се обидете,
што и да возите
или куќи изградите,
титули лажни си доделите,
колку луѓе и да убедите
или заплашите да ви аплаудираат
- ништо нема да ви помогне.
Ќе останете тоа што сте,
ќе останете кајшто припаѓате.

Жал ми е.
Ве жалам, батки.
Навистина ве жалам.
Имам и за вас место во моето срце.
Но, има едно нешто што не можам да сторам за вас.
Не можам да ја сопрам таа зомби смрдеа
што извира од вашите мозоци и души.

Знам дека го читате ова. И знам дека се смеете иронично.
Продолжете со смеење. Знам, длабоко во вас има едно болно сознание.
Го чувствувам вашиот гнев измешан со срам како расте во вас.

Што да правам. Тоа сте вие.

Wednesday, January 8, 2014

ДО МОЈОТ ПОЗНАНИК ОД СТУДЕНТСКИТЕ ДЕНОВИ И НЕГОВАТА ВЕСЕЛА БРАТИЈА

Многу работи ти се измешани во главата. Не е ни чудо, се обидуваш да одбраниш нешто што не се брани. Се обидуваш да останеш во строј со луѓе чии очи, уши и усти се затнати со мил, а свеста им е контаминирана со бесмислени пораки кои предизвикуваат константен, тегобен шум. Тапкаш во мракот и се напрегаш да држиш правец кајшто нема правец. Тоа најчесто се нарекува пад...

„Дозвола“
Дозовола“ да пишуваш на мојот ѕид не ти треба, ја имаш, таа е во моите сетинзи. Ја имаш и во моето срце. Искрено и цврсто верувам и ја застапувам онаа Волтерова: „Не се согласувам со тоа што имате да го кажете, но до смрт ќе го бранам вашето право да го кажете.“
Тоа се гледа од многу нешта што ги правам. Најмалку што можам да приложам е приложеното на мојот профил - те има. И нека те има.
Но, нема да ти премолчам. Нема да ти дозволам да се извлечеш со обвинувања на моја сметка и на сметка на организацијата која имам чест, но и одговорност да ја водам.
Нема да дозволам да се извлечеш со лагите и партиската пропаганда што ја протнуваш во секој свој коментар на моите постови.
Не е фер, човеку! Не е фер ни кон тебе самиот.

Инсинуации
Инсинуираш дека имало цензура во „Млад борец“ од крајот на 80-те! Во весникот кој е дел од создавањето на македонската демократија и државност, велиш дека имало цензура и дека Никола Младенов и Сашо Орданоски се манипуланти?
Потоа, од тие „висини“ на твојата задача преоѓаш и на мене. Инсинуираш цензура и во контекст на моето пишување односно однесување на мојот ФБ профил. Нормален ли си, човеку?
Ти, подлизурко на владата која од Македонија направи крпа и во која има политички затвореници меѓу кои и двајца новинари.
Дај, освести се! Па, зарем во партиските ќелии толку многу ве притиснале и ве тераат глупости и гадости да трескате без престан? Или ова самоиницијативно се истакнуваш за да те забележи месниот агитпроп комесар.

Поема
Прочитај ја кратката поема The Wannabe што ја постирав пред некој ден. Еве ти превод:

Сива сенка во магливиот самрак
капларот во каллив стар шинел
опушок од цигара меѓу жолтите заби
трепери на студениот перон
во село далеку од главната пруга
фрустриран поданик
патетичен и столчен
сепак...
креатура крвожедна
со нокти скршени и болни
но доволно остри да нанесат болка
ако само се добере до вагонот на моќта за миг
краток миг на слава     
да седи близу местото каде големите пци мочаат

Читај
За тебе е поемава и за твојата весела братија. Прочитајте ја внимателно. Прочитајте ги моите постови и одговорите, еве не мора сите, неколку. Прочитајте неколку текстови од вебот на Цивил. Читајте Фокус, Слободен печат, Либертас, гледајте Телма, 24 Вести, ТВ Нова, а има уште неколку. Ако се малку, не значи дека не се добри, напротив. Прочитајте, не со очи, туку со ум, дух и душа.

Крикни
Ако те следи чувство на мачнина, ако ти трпнат непцата и не можеш да земеш здив, има лек за тоа. Еднаш, барем еднаш, дозволи си ди крикнеш! Дозволи си да бидеш слободен, а не окован во тесен и мрачен кафез од невидливи решетки на сред бел ден! Дозволи си да бидеш храбар, а не да се плашиш воздух да земеш ако тоа не е напишано во партиската програма.
Никогаш не е доцна. Можеби ќе забележиш дека во текот на животот си имал проблем кој не си сакал да го решиш самиот. Прекрасната ти влада, ако навистина веруваш во тоа што пишуваш, го креира и го очекува токму тоа што во моментов си ти. Тажно.

Соучесник
Учествуваш во убиството на убавината и понижувањето на цел народ. Тоа ли го сакаше цел живот? Ова ли го чекаше, драг пријателе од студентските денови? Не ми се верува, но ќе морам да го прифатам тоа. Морам да останам објективен и да го прифатам фактот дека не си ни бил подобар од ова. Само си го чекал мигот кога ќе „седиш близу местото каде големите пци мочаат“.
Но, секој со своето бреме, а ти и твојата весела братија со партиските инструкции...
Знам што ќе кажеш на сево ова. Знам добро. Но се надевам и дека барем малку совест и свест останало кај тебе и барем дел од твоите, та ќе подзапрете малку. Мојата дискусија со тебе и твоите ќе запре овде. Имам премногу убавини пред себе и во себе, за да „дозволам“ предолго задржување во близина на барата во која сте вие.

Сепак, едно чувство ќе ме следи – жал. Жал за мојата земја. Ја прегазија луѓе тесногради, алчни и зли, луѓе со проблеми. Џган.