Wednesday, January 8, 2014

ДО МОЈОТ ПОЗНАНИК ОД СТУДЕНТСКИТЕ ДЕНОВИ И НЕГОВАТА ВЕСЕЛА БРАТИЈА

Многу работи ти се измешани во главата. Не е ни чудо, се обидуваш да одбраниш нешто што не се брани. Се обидуваш да останеш во строј со луѓе чии очи, уши и усти се затнати со мил, а свеста им е контаминирана со бесмислени пораки кои предизвикуваат константен, тегобен шум. Тапкаш во мракот и се напрегаш да држиш правец кајшто нема правец. Тоа најчесто се нарекува пад...

„Дозвола“
Дозовола“ да пишуваш на мојот ѕид не ти треба, ја имаш, таа е во моите сетинзи. Ја имаш и во моето срце. Искрено и цврсто верувам и ја застапувам онаа Волтерова: „Не се согласувам со тоа што имате да го кажете, но до смрт ќе го бранам вашето право да го кажете.“
Тоа се гледа од многу нешта што ги правам. Најмалку што можам да приложам е приложеното на мојот профил - те има. И нека те има.
Но, нема да ти премолчам. Нема да ти дозволам да се извлечеш со обвинувања на моја сметка и на сметка на организацијата која имам чест, но и одговорност да ја водам.
Нема да дозволам да се извлечеш со лагите и партиската пропаганда што ја протнуваш во секој свој коментар на моите постови.
Не е фер, човеку! Не е фер ни кон тебе самиот.

Инсинуации
Инсинуираш дека имало цензура во „Млад борец“ од крајот на 80-те! Во весникот кој е дел од создавањето на македонската демократија и државност, велиш дека имало цензура и дека Никола Младенов и Сашо Орданоски се манипуланти?
Потоа, од тие „висини“ на твојата задача преоѓаш и на мене. Инсинуираш цензура и во контекст на моето пишување односно однесување на мојот ФБ профил. Нормален ли си, човеку?
Ти, подлизурко на владата која од Македонија направи крпа и во која има политички затвореници меѓу кои и двајца новинари.
Дај, освести се! Па, зарем во партиските ќелии толку многу ве притиснале и ве тераат глупости и гадости да трескате без престан? Или ова самоиницијативно се истакнуваш за да те забележи месниот агитпроп комесар.

Поема
Прочитај ја кратката поема The Wannabe што ја постирав пред некој ден. Еве ти превод:

Сива сенка во магливиот самрак
капларот во каллив стар шинел
опушок од цигара меѓу жолтите заби
трепери на студениот перон
во село далеку од главната пруга
фрустриран поданик
патетичен и столчен
сепак...
креатура крвожедна
со нокти скршени и болни
но доволно остри да нанесат болка
ако само се добере до вагонот на моќта за миг
краток миг на слава     
да седи близу местото каде големите пци мочаат

Читај
За тебе е поемава и за твојата весела братија. Прочитајте ја внимателно. Прочитајте ги моите постови и одговорите, еве не мора сите, неколку. Прочитајте неколку текстови од вебот на Цивил. Читајте Фокус, Слободен печат, Либертас, гледајте Телма, 24 Вести, ТВ Нова, а има уште неколку. Ако се малку, не значи дека не се добри, напротив. Прочитајте, не со очи, туку со ум, дух и душа.

Крикни
Ако те следи чувство на мачнина, ако ти трпнат непцата и не можеш да земеш здив, има лек за тоа. Еднаш, барем еднаш, дозволи си ди крикнеш! Дозволи си да бидеш слободен, а не окован во тесен и мрачен кафез од невидливи решетки на сред бел ден! Дозволи си да бидеш храбар, а не да се плашиш воздух да земеш ако тоа не е напишано во партиската програма.
Никогаш не е доцна. Можеби ќе забележиш дека во текот на животот си имал проблем кој не си сакал да го решиш самиот. Прекрасната ти влада, ако навистина веруваш во тоа што пишуваш, го креира и го очекува токму тоа што во моментов си ти. Тажно.

Соучесник
Учествуваш во убиството на убавината и понижувањето на цел народ. Тоа ли го сакаше цел живот? Ова ли го чекаше, драг пријателе од студентските денови? Не ми се верува, но ќе морам да го прифатам тоа. Морам да останам објективен и да го прифатам фактот дека не си ни бил подобар од ова. Само си го чекал мигот кога ќе „седиш близу местото каде големите пци мочаат“.
Но, секој со своето бреме, а ти и твојата весела братија со партиските инструкции...
Знам што ќе кажеш на сево ова. Знам добро. Но се надевам и дека барем малку совест и свест останало кај тебе и барем дел од твоите, та ќе подзапрете малку. Мојата дискусија со тебе и твоите ќе запре овде. Имам премногу убавини пред себе и во себе, за да „дозволам“ предолго задржување во близина на барата во која сте вие.

Сепак, едно чувство ќе ме следи – жал. Жал за мојата земја. Ја прегазија луѓе тесногради, алчни и зли, луѓе со проблеми. Џган.