Sunday, March 18, 2012

Марширавме за мир... Што сега?


Ден по Маршот за мир, 11 години по Рок за мир...

Џабир Дерала

Се надевав и очекував дека на Маршот за мир ќе дојдат многу луѓе. Тие надежи и ми се остварија. Тоа беше добар знак. Чувството да се видат толку многу луѓе на едно место привлечени од пораката за мир и соживот беше исполнувачко и успокојувачко. Ми беше драго што видов дека најголем дел од персоналот и соработниците на Цивил кои ги поканив се одзваа на поканата. Времето му беше наклонето на овој настан и несебично ги даруваше насобраните со обилна топлина и светлина.
Не беше толку топло дента кога го правевме Рок за мир во март, 2001 година. Најдобрите бендови на Македонија (и еден норвешки) се собраа во МКЦ на концерт кој ден-денеска многумина го помнат како еден од подобрите. Се собраа накај илјада луѓе (колку што собира Денсинг салата на МКЦ) внатре, а уште два-триста млади беа пред МКЦ, слушаа музика, пушеа, пиеја, го поздравуваа мирот и добриот звук на рок-ен-ролот.

МАРТ, 2001-2012
Околностите сега се различни, како во земјава, така и во светот. Живееме во Македонија по Охридскиот Рамковен Договор и во свет по 9/11. Сепак, чувствата и спомените на дента на одржувањето на Рок за мир се толку свежи и толку живи. Вознемирувачки... Тоа беа денови на самиот почеток на воениот конфликт во 2001-та. Утрото по одржувањето на нашиот Рок за мир таканаречените македонски безбедносни сили извршија офанзива на тетовското Кале, а градот и селата наоколу беа обвиткани со чад од детонации и пукотници во потера по таканаречените учки. Денеска нема воена офанзива. Тогаш имаше.
Но, како што кажав пред малку, околностите се различни. Рок за мир го организиравме практично сами, ние од Цивил, помогнати од Нансен Дијалог Центар и Пакс Кристи. Овој настан го поддржаа над 70 организации, вклучувајќи ја и нашата. Разликата почнува и секако не завршува тука.
Дали и перспективите се различни? Се сомневам дека вчерашните три-четири илјади луѓе се доволна бројка да ги убедат политичките фигури кои вчера побрзаа да се појават на настанот дека токму тие мора да престанат со политиките кои доведоа до оваа состојба. Од сцената дури и слушнав поздрав до Претседателот... Упс, си реков. На Фејсбук се обидуваат да ми објаснат дека тоа бил само поривот и стилот на Есма, а не бил официјален став на организаторите. ОК, но за да го прифатам ова, треба да ми објасни некој и зошто никој не се огради од поздравот на Есма?  

СПИН
Кога, како на претставник на Цивил, ми пристапија да ја поддржиме иницијативата Марш за мир/Заедно за мир, никој не ми спомна дека ќе им даде простор на претставници на политиката која ги крши човековите права и слободи и директно го предизвикува нарушувањето на односите и тензиите меѓу заедниците во Македонија. Во деновите пред Маршот напишав безброј мејлови и телефонски разговорав со моите колеги, соработници и пријатели за благородната позадина на Маршот, без оглед на критиките. Инсистирав на тоа да дојдат што е можно повеќе луѓе на Маршот. За мотивите сум убеден и сега, но веќе не и во тоа дека се постигна целта. Сепак, ако сакам да останам позитивен во ова сончево неделно утро, ѓе останам барем делумно со уверување дека Маршоте е добар прв чекор. Иако задоцнет...
За спинерите знаев дека ќе им дадат простор политичарите да го свртат целиот настан во своја полза. Во своите главни вести вечерта, телевизиите под контрола на власта го туркаа заклучокот дека меѓуетничките насилства во изминатите недели се плод на деструктивноста на поединци кои одат против прекрасните напори на актуелната власт да изгради соживот во земјата. Иницијаторите сигурно не мислеа на ова, а требаше.

КОЛКУ СЕ ПРИБЛИЖИВМЕ КОН ЦЕЛТА?
Не сум убеден дека во публиката имаше доволно луѓе кои навистина разбираат што стои зад практиките на владата и дека овој Марш за мир требаше да биде своевидна опомена за партиите на власт, односно за сите политички партии.  Власта со години произведува сегрегација и дискриминација, недоверба и омраза кон сé што е различно од Гоцевата раса и нејзините пастири, а сето тоа, неминовно, води кон континуирани тензии и повремени ерупции на насилства. Послушните ДУИ имаат доволно простор само колку да држат баланс, односно да ги хранат националистите меѓу своите гласачи. (Повеќе за тоа: „Кој сака војна во Македонија“, 15 март 2012, сајтот на Цивил, www.civil.org.mk)
Не сум убеден ни дека за ова се свесни и оние што излегоа на сцена да декламираат пораки за мир на различни јазици и да пеат песни од Боб Марли. Или знаат, ама основниот мотив и желба за мир беше посилен од свеста? Легитимно е да се предадеш на благородните чувства, но колку се приближивме кон целта – мир и соживот?
Признавам, пред да стасам во Градскиот Парк заедно со моето семејство и моите колеги и соработници, потајно негував надеж дека политичарите нема да се обидат да го киднапираат настанот. Се надевав и дека на вечерните вести нема да се спинуваат информациите околу манифестацијата. Се надевав дека оние што ги поддржуваат деструктивните политики на главните центри на политичката моќ (се знае кои се), а кои беа во поворката, ќе дојдат таму со барем малку свест и совест дека оваа и ваквите иницијативи се и за нивно добро и доброто на нивните семејства и потомоци.
За момент ќе се вратам уште еднаш на тоа што правевме ние во 2001та. На крајот на војната креирав пост-воена кампања со знакот на мирот во бела боја на црна основа. Околу знакот пишуваше „Што сега?“ и „Çka tash?“. Денеска се прашувам дали и колку луѓе си го поставуваат истото прашање? Дали и колку луѓе имаат и одговор на тоа прашање?
Или: супер се забавувавме, алал да им е на организаторите, ме фати камерата, види ме на фејсбук... Ако е така, приказната заврши пред и да започне...

ЕДНИ ЌЕ ПЕАТ ПЕСНИ...
Оваа манифестација на граѓанска поддршка за мирот не смее да се сфати како обид да се продолжи со криење на вистински одговорните за состојбите со човековите права, демократијата и лошите односи меѓу различните заедници и култури во земјава. Не верувам дека организаторите го сакаат тоа. Морам да го кажам и ова. Потајно се надевав дека некој од вазалите на власта ќе замоли да излезе на сцена да побара прочка и искаже намера да престане со слугување на структури кои ја водат земјата кон работ. Тие надежи не ми се остварија. Тука имам потреба да им порачам на организаторите: не би сакал да ми се случи уште едно непријатно изненадување, на некоја наредна иницијатива од ваков вид да се покануваат, а уште помалку да се поздравуваат претставници на структурите кои креираат неправда и тензии.
Во секој случај, јас бев таму како поддржувач и раководител на организација за човекови права и слободи, но и како граѓанин на светот. Ќе бидам таму и секој нареден пат, иако имам предвид што може да се случи: едни ќе пеат песнички за мирот, а Наци машинеријата ќе продолжи со мрачните дејства. Но, тоа не смее да нé сопре.
На крајот, тоа што сакам да го видам е искрена поддршка за мирот, демократијата и соживотот, не само во Градскиот парк, туку и дома, на работа и на улица, во институциите и вон нив, на гласачките места и во деновите меѓу изборите. Само така на профитерите ќе им биде потешко да ја заработат својата валкана надница.

©Civil 2012

No comments:

Post a Comment